14 Тогаш се исполни претскажаното од пророкот Исаија, кој рече:
15 „Во земјата на Зевулун и Нафтали, крај морето, отаде реката Јордан, во Галилеја, каде што живеат луѓе кои не Го познаваат Бога,
16 народот кој живее во мрак ќе види големо Светило; светлина ќе ги осветли луѓето што живеат во земјата каде што смртта надвиснува со својата сенка.“
17 Оттогаш Исус започна да проповеда, зборувајќи: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“
18 Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус виде двајца браќа: Симон подоцна наречен Петар, и неговиот брат Андреј. Тие поставуваа мрежа во езерото, бидејќи по занает беа рибари.
19 Исус ги повика: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе!“
20 Тие веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.