Римјаните 12:1-5 MNT

1 Драги пријатели христијани, имајќи ја предвид Божјата благонаклоност спрема вас, ве молам да ги принесете своите тела како жива жртва, света и пријатна за Бог. Тоа е најдобриот начин да Му служите.

2 Не сообразувајте се со световните луѓе, туку допуштете Бог однатре да ве преобрази така што Тој ќе го промени начинот на кој размислувате. Тогаш ќе можете да согледате што сака Бог да правите, што е добро, пријатно и совршено.

3 Како Божји гласник, избран врз основа на Неговата благонаклоност, на секој од вас му порачувам дека за себе не треба да има повисоко мислење одошто заслужува. Бидете скромни и проценувајте ја сопствената вредност според големината на верата што Бог ви ја дал.

4 Како што ние во своето тело имаме многу органи и секој орган си има своја улога,

5 така е и со Црквата - телото Христово. Сите ние сме органи на „Христовото тело“ и имаме потреба еден од друг.