Римјаните 13 MNT

1 Почитувајте ја државната власт. Секоја власт произлегува од Бога, па и државната власт е воспоставена од Бог.

2 Оној што се противи на институцијата државна власт, се противи на уредба воспоставена од Бог и ќе биде казнет.

3 Органите на власта не се закана за добрите, туку за лошите луѓе. За да не се плашите од властите, правете добро и тие ќе ве пофалат.

4 Власта е во служба на Бог и нејзина должност е да работи за твое добро. Ако правиш зло - има причина да се плашиш, зашто ќе бидеш казнет! Власта е во служба на Бог и остро ги казнува оние што прават зло.

5 Затоа, треба да ја почитуваш државната власт, не само за да не бидеш казнет, туку и да имаш чиста совест.

6 Затоа треба да плаќате и даноци. Извршителите на власта се во служба на Бог и треба да бидат платени за она што го работат.

7 Затоа, давајте им го она што им припаѓа. Плаќајте ги даноците и царините, имајте страхопочит спрема властите, укажувајќи им чест кога заслужуваат.

8 Немојте никому да му бидете должници. Единствената постојана должност нека ви биде да се сакате еден со друг, зашто оној што ги сака другите луѓе, го исполнува Божјиот Закон.

9 Заповедите: „Не врши прељуба! Не убивај! Не кради! Не завидувај!“, и сите други заповеди се содржани во заповедта: „Сакај ги другите луѓе како што се сакаш себеси!“

10 Ако некого сакаш, нема да му нанесуваш зло. Затоа, ако ги сакаш луѓето, го исполнуваш и Божјиот Закон.

11 Имајте на ум дека времето истекува. Разбудете се! Нашето спасение е сега поблизу, отколку во моментот кога поверувавме!

12 Ноќта е при крај, се ближи денот на нашето спасение! Да престанеме да правиме зло, зашто тоа и припаѓа на темнината. Да живееме свето, како луѓе облечени за светлина.

13 Да се однесуваме примерно, како да сме изложени на светлина. Не учествувајте во оргии и пијанки, во блуд и разврат, во кавги и завист.

14 Загрнете се со Господ Исус Христос и не размислувајте како да им угодите на грешните телесни желби.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16