6 Затоа треба да плаќате и даноци. Извршителите на власта се во служба на Бог и треба да бидат платени за она што го работат.
7 Затоа, давајте им го она што им припаѓа. Плаќајте ги даноците и царините, имајте страхопочит спрема властите, укажувајќи им чест кога заслужуваат.
8 Немојте никому да му бидете должници. Единствената постојана должност нека ви биде да се сакате еден со друг, зашто оној што ги сака другите луѓе, го исполнува Божјиот Закон.
9 Заповедите: „Не врши прељуба! Не убивај! Не кради! Не завидувај!“, и сите други заповеди се содржани во заповедта: „Сакај ги другите луѓе како што се сакаш себеси!“
10 Ако некого сакаш, нема да му нанесуваш зло. Затоа, ако ги сакаш луѓето, го исполнуваш и Божјиот Закон.
11 Имајте на ум дека времето истекува. Разбудете се! Нашето спасение е сега поблизу, отколку во моментот кога поверувавме!
12 Ноќта е при крај, се ближи денот на нашето спасение! Да престанеме да правиме зло, зашто тоа и припаѓа на темнината. Да живееме свето, како луѓе облечени за светлина.