Римјаните 8:23-29 MNT

23 Не само светот, туку стенкаме и ние христијаните, кои го имаме Светиот Дух во нас и ги уживаме првите плодови на славата што ќе дојде. И ние во себе стенкаме, желно очекувајќи Бог да ни го даде сето она што како на Негови деца ни следува, вклучувајќи ги тука и новите тела што Бог ни ги вети.

24 Сега кога сме спасени, желно ја очекуваме таа слобода. Тоа значи дека таква слобода се уште немаме. Зошто, инаку, некој би очекувал нешто што веќе го има!?

25 Но, во очекување на она што се уште го немаме, треба трпеливо и со доверба да го очекуваме.

26 Во меѓувреме, со нас е Светиот Дух за да не придружува и да ни помага во нашите слабости. Ние не знаеме дури ни за што и како би требало да се молиме. Но Светиот Дух се застапува за нас со неискажливи воздишки.

27 А Бог знае што има во срцата на луѓето и знае што сака Светиот Дух, затоа што Тој се застапува за Божјите луѓе согласно со Божјата волја.

28 Знаеме дека се што се случува, Бог ќе го насочи така што да испадне на добро за оние што Го сакаат Бога и што се од Него повикани за свети цели.

29 Однапред познавајќи ги луѓето, Бог ги одбра Своите, со цел да ги преобрази така што ќе бидат слични на Неговиот Син, Исус, Кој е првороден за да има многу браќа и сестри.