Римјаните 8:33-39 MNT

33 Кој може да подигне обвинение против оние што Бог ги одбра и ги оправда!?

34 Кој може да не осуди нас, Божјите избраници? Такво право и таква сила има само Исус Христос, но токму Тој умре и воскресна за нас, а и сега се зазема за нас, седејќи на почесното место, од десната страна на Бог!

35 Според тоа, може ли да има сила што ќе не одвои од Христовата љубов? Можат ли тоа да го сторат тешкотиите, маките, прогоните, гладот, немаштијата или заканите со смрт?

36 Иако во Светото Писмо е напишано: „Секојдневно се соочуваме со смртта, за Тебе, не сметаат како овци за клање“

37 Наспроти се, ние сме повеќе од победници, преку Христос, Кој многу не засака.

38 Убеден сум дека ни смртта ни животот; ни ангелите, ни владетелите; ни сегашноста, ни иднината; ни некакви сили,

39 било да се сили од височините, или сили од длабочините; ниту што и да е на овој свет не може да не одвои од Божјата љубов, што Тој ни ја искажува преку Исус Христос, нашиот Господ!