Тит 1 MNT

1 Од Павле, Божји слуга и апостол на Исус Христос. Јас сум испратен да им донесам вера на оние што Бог ги одбра, за да ја запознаат вистината и да живеат побожно.

2 Таа произлегува од надежта дека ќе добиеме вечен живот, како што Бог уште одамна ни вети, а Тој не лаже.

3 Кога дојде вистинското време, Бог, нашиот Спасител, ја објави Својата порака, ми ја довери и ми наложи да им ја проповедам на луѓето.

4 Пишувам до Тит кој, заради тоа што имаме иста вера, ми е како вистински син. Ти посакувам Бог, нашиот Татко, и Исус Христос, нашиот Спасител, да ти бидат благонаклонети и да ти дадат мир.

5 Те оставив во Крит за да го довршиш она што остана недовршено: по сите градови да назначиш водачи во црквите. Како што ти наредив,

6 за да биде некој водач треба да биде без пороци, верен на својата сопруга, ако има деца, тие треба да имаат вера во Бог и да не ги бие глас дека се разуздани и непослушни.

7 Неопходно е оние што се надзорници во црквата, како Божји управители, да немаат пороци, да не бидат самовљубени и избувливи, да не бидат пијаници, зајадливи, ниту да бидат алчни по нечесна заработка.

8 Тие треба да бидат гостољубиви, да го сакаат доброто, да бидат разумни, правични, побожни луѓе што умеат да се контролираат.

9 Мора да се придржуваат до правилното учење. Така ќе можат да им помогнат и на други луѓе, проповедајќи им здраво учење, и ќе можат да ги изнесат на виделина грешките на оние што му се противставуваат на правилното учење.

10 Има многу противници, особено од Евреите, кои се занимаваат со бескорисни расправии и ги мамат луѓето.

11 На таквите треба да им се затнат устите. Со своето погрешно учење тие цели семејства заведуваат, поучувајќи ги на она што не треба, а се од лакомост за пари кои нечесно ги печалат.

12 Еден од нивните пророци, иако и самиот е од Крит, има кажано за нив: „Жителите на Крит се лажливци, зли ѕверови и мрзливи лапачи!“

13 Многу точно ги опишал! Сериозно да ги искараш, за да и се вратат на здравата вера,

14 да не се раководат од еврејските митови и од заповедите воспоставени од луѓе кои ја изопачуваат вистината.

15 За оној што е во срцето чист, се е чисто. За оние, пак, што се неверни, чии умови се валкани, чија совест е нечиста, за нив ништо не е чисто.

16 Тие тврдат дека Го знаат Бога, но со своите постапки го докажуваат спротивното. Одвратни се, непокорни и неспособни да направат барем нешто добро.

поглавја

1 2 3