8 И Писмото, предвидувајќи дека Бог преку вера ги оправдува незнабошците, однапред му благовести на Авраам: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“
9 И така, оние што веруваат, се благословени заедно со верниот Авраам;
10 а сите оние, што се од делата на Законот, под клетва се. Зашто е напишано: „Проклет да е секој кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!“
11 А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, зашто „Праведниот ќе живее преку верата.“
12 А Законот не е од верата, туку зборува: „Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив.“
13 Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако поради нас стана проклетство, бидејќи е напишано: „Секој да е проклет што виси на дрво!“,
14 така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ветениот Дух преку верата.