Јуда 1 MK2006D

Поздрав

1 Јуда, слуга на Исус Христос, а брат на Јаков – до повиканите, возљубени во Бог Отецот и зачувани за Исус Хрис­тос.

2 Милост, мир и љубов да ви се мно­жат!

Лажни учења

3 Возљубени, грижејќи се постојано, да ви пишувам за нашето општо спасение, сметав дека е неопходно да ви на­пишам и да ве замолам – да се борите за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш,

4 зашто се вовлекоа некои луѓе, чија осуда е одамна определена, безбож­ници, што ја превртуваат благодатта Бож­ја во нечистотија и се одрекуваат од Единиот Господар Бог и Господ наш Исус Христос.

5 Сакам да ви напомнам, иако ова веќе го знаете, дека Господ, откако го избави народот од египетската земја, ги погуби потоа оние што не веруваа;

6 ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија живеалиштето, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на големиот ден.

7 Како што Содом и Гомора и околните градови, што блудствуваа, а на ист начин како и тие, одеа по друго тело, станаа пример со тоа што беа накажани со вечен оган.

8 Истото ќе се случи и со оние кои го осквернуваат телото, ја презираат власта и хулат на Славата.

9 А Архангел Михаил, кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те спречи!“

10 А овие хулат на она што не го зна­ат, а во она што го знаат по природа ка­ко неразумно животно, во тоа се рас­па­ѓаат.

11 Тешко ним, зашто тргнаа по Ка­ино­виот пат, се фрлија во заблудата на Ва­лаам заради печалба и загинаа во бунтот Кореев.

12 Тоа се оние што ги поганат вашите трпези на љубовта, јадејќи со вас без страв и напасувајќи се. Тие се безводни облаци што ветровите ги пренесуваат, есенски неродни дрвја, двапати исушени и искорнати;

13 свирепи морски бранови, што како пена ги испуштаат своите срамни дела; ѕвезди лажни, за кои се чува мракот на темнината засекогаш.

14 А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, зборувајќи: „Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели,

15 за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нив­ни нечисти дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него без­божните грешници.“

16 Тие се незадоволни викачи, кои живеат според своите желби, а устата нивна произнесува горди зборови, и за корист стануваат умилкувачи.

Обраќање и препораки

17 Но вие, возљубени, спомнете си ги зборовите што ги кажаа апостолите на нашиот Господ Исус Христос;

18 тие ви зборуваа дека во последно време ќе се појават подигрувачи, кои ќе постапуваат според своите без­бож­нич­ки желби.

19 Тоа се луѓе што се одделуваат од единството на верата; тие се телесни – и немаат Дух.

20 А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух,

21 запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ Исус Христос, за вечен живот.

22 И така разликувајќи ги, едни милувајте,

23 а други со страв спасувајте, ис­трг­нувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв, и гнасејќи се од облеката, ис­по­га­нета од телото.

Завршен збор

24 А на Оној, Кој може да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост –

25 на Единиот премудар Бог, нашиот Спасител преку Исус Христос, нашиот Господ, слава и величие, сила и власт преку сите векови, сега и во сите времиња. Амин!

поглавја

1