1 Петар 3 MKB

1 Така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та ако некои не му се покоруваат на словото, да бидат придобиени без слово, со однесувањето на своите жени,

2 кога ќе го видат вашето поведение во страв и чистота.

3 Вашиот украс да не биде надворешен: во плетење на косата, во ставање на злато или во облекување на разни облеки -

4 туку: сокриениот човек на срцето во непропадливиот украс на кроткиот и мирен дух, што е од голема вредност пред Бога.

5 Зашто така некогаш се украсуваа светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на своите мажи,

6 како што Сара му беше послушна на Авраама и го наречуваше господар; вие сте нејзини ќерки, кога правите добро, не плашејќи се од никакво заплашување.

7 Така и вие, мажите, живејте благоразумно со жените како со послаб сад, искажувајќи им почитување како на сонаследнички на благодатта на животот, за да бидат вашите молитви без пречка.

8 Најпосле, бидете сите сложни во мислењето, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, понизни;

9 не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте, зашто сте повикани за тоа, за да наследите благослов.

10 Зашто „кој сака да го љуби животот и да види добри денови, нека го воздржи својот јазик од зло и своите усни од измамливо зборување;

11 нека се отстрани од злото и нека прави добро, нека бара мир и нека го следи;

12 зашто Господовите очи гледаат на праведниците и Неговите уши ги слушаат нивните молитви, а Господовото лице е против оние, кои прават зло.”

13 И кој ќе ви стори зло, ако ревнувате за доброто?

14 А ако и страдате заради правдата, бидете блажени! „Не плашете се, ниту се збунувајте од нивните закани,”

15 туку осветувајте Го во своите срца Христа како Господа, секогаш подготвени за одговор на секого, кој ја бара причината на надежта, која е во вас, но со кротост и со страв,

16 имајќи добра совест, та оние кои го навредуваат вашето добро поведение во Христа, да се посрамат за она за што ве клеветат.

17 Зашто е подобро, ако сака Божјата волја, да страдате правејќи добро, отколку правејќи зло.

18 Зашто и Христос умре еднаш за гревовите, Праведен за неправедните, за да нè приведе при Бога; навистина, Тој, Кој беше убиен во тело, оживе Духом;

19 во Него, Тој отиде тогаш, и објави на духовите во Подземјето;

20 кои беа непокорни некогаш, кога Божјото трпение ги чекаше во Ноевото време, додека се градеше ковчегот, во кој само малку од нив, односно осум души, се спасија преку водата.

21 Одговарајќи на оваа слика, крштавањето, - кое не е отстранувањето на телесната нечистота,- туку е одговор на добра совест кон Бога, сега и вас ве спасува, преку воскресението на Исуса Христа,

22 Кој е оддесно на Бога, откако отиде во небото, каде Му се покорија ангелите, и властите, и силите.

поглавја

1 2 3 4 5