1 Старешините меѓу вас ги повикувам јас, кој сум и самиот старешина и сведок на Христовите страдања и учесник во славата, која ќе се открие:
2 пасете го Божјото стадо, кое е меѓу вас, и надгледувајте го, не со сила, туку драговолно, како што Бог сака; не од желба за срамна печалба, туку од добро срце;
3 и не како да господарите над оние, кои ви се доверени, туку бидете му пример на стадото.
4 И кога ќе се појави Надпастирот, ќе примите круна на слава, што не вене.
5 Така и вие помладите покорувајте им се на старешините. А сите еден кон друг препашете се со смиреност, зашто „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.”
6 И така, понизете се под силната Божја рака, за да ве возвиши во право време.
7 И секоја своја грижа фрлете ја на Него, зашто Тој се грижи за вас.
8 Бидете трезвени и бдејте: вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика, барајќи некого да го проголта.
9 Спротивете му се, цврсти во верата, знаејќи дека истите страдања се довршуваат во вашите браќа по светот.
10 А Бог на секоја благодат, Кој ве повикал во Христа Исуса за Својата вечна слава, по вашето кратко страдање, Сам ќе ве усоврши, зацврсти, зајакне и ќе ве направи непоколебливи.
11 Нему слава и власт во векови на вековите. Амин!
12 По Силвана, верниот брат, каков го сметам, ви го напишав ова накратко, за да ве опоменам и да ви посведочам дека ова е вистинска Божја благодат, во која стоите.
13 Ве поздравуваат со вас избраната црква во Вавилон и мојот син Марко.
14 Поздравете се еден со друг со целив на љубов. Мир на сите вас, кои сте во Христа. Амин!