1 Павле и Силван и Тимотеј до црквата на Солунјаните во Бог, нашиот Татко, и Господа Исуса Христа:
2 Благодат вам и мир од Бог нашиот Татко и Господа Исуса Христа.
3 Должни сме секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, како што е право, зашто вашата вера расте многу; и се умножува меѓусебната љубов на секој од вас,
4 така што ние сами се фалиме со вас меѓу Божјите цркви заради вашето трпение и верата во сите ваши гонења и маки, што ги поднесувате.
5 Тоа е знак на праведниот Божји суд, за да се сметате достојни за Божјото Царство, за кое и страдате.
6 Зашто е праведно пред Бога: да им врати мака на оние кои ве измачуваат,
7 а вам, на измачуваните, олеснување заедно со нас, кога ќе се јави Господ Исус од небото, со ангелите на Својата сила,