1 Ве молиме, браќа, во однос на доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и за нашето собирање заедно при Него,
2 не дозволувајте брзо да се поколебате во разумноста, ниту да се исплашите ни од дух, ни од слово, ни од послание, како да е од нас испратено, како веќе да настапил Господовиот Ден!
3 Никој да не ве измами ниту по каков начин, зашто тоа не ќе се случи додека првин не дојде отпаѓањето и не се појави човекот на беззаконието, синот на погибелта,
4 кој се противи и се воздига над сè што се наречува Бог или светина, така што ќе седне во Божјиот храм и ќе се претставува себеси дека тој е Бог.
5 Не помните ли дека ви го зборував ова уште кога бев кај вас?
6 И сега знаете што го задржува за да се појави тој допрва во свое време.
7 Зашто, тајната на беззаконието веќе дејствува, само да се отстрани од средината оној, кој сега ја задржува
8 и тогаш ќе се јави беззаконикот кого Господ ќе го убие со здивот на Својата уста и ќе го уништи со појавата на Своето доаѓање.
9 Тоа е оној, чие доаѓање е според сатанското дејствување, со секаква сила, и со чудесни знаци и со лажни чуда,
10 и со секаква неправедна измама, за оние кои загинуваат, зашто не ја примија љубовта кон вистината за да се спасат.
11 И затоа Бог ќе им испрати заблудна дејност за да и веруваат на лагата,
12 та да бидат осудени сите, кои не поверуваа на вистината, а имаа задоволство во неправдата.
13 А ние сме должни секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, од Господ возљубени, зашто Бог ве избра од почеток за спасение, преку осветувањето на Духот и вера во вистината,
14 на кое ве призва преку нашето Евангелие, за да ја добиете славата на нашиот Господ Исус Христос.
15 Тогаш, браќа, стојте цврсто и држете ги преданијата што ги научивте од нас, било преку слово или преку наше послание.
16 А Самиот Господ наш Исус Христос и Бог нашиот Татко, Кој нè возљуби нас и ни даде вечна утеха и добра надеж по благодатта
17 да ги утеши вашите срца и да ве утврди во секое добро дело и слово!