2 Солунците 3 MKB

1 Најпосле, браќа, молете се за нас, та Господовото слово да трча и да се прославува како и при вас,

2 и ние да се ослободиме од расипани и зли луѓе, зашто сите немаат вера.

3 Но верен е Господ, Кој ќе ве утврди и ќе ве запази од лукавиот.

4 Уверени сме во Господа, за вас, дека го правите и дека ќе го правите она што ви го заповедаме.

5 А Господ да ги управи вашите срца кон Божјата љубов и кон Христовото трпение!

6 А вам ви наложуваме, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој води неуреден живот, а не по преданието, што го примивте од нас.

7 Навистина, сами знаете како треба да се угледате на нас, зашто ние не се владеевме неуредно меѓу вас,

8 ниту јадевме дарум нечиј леб, туку работевме во труд и напор, ноќе и дење, за да не му бидеме на терет некому од вас.

9 Не затоа што немавме право на тоа, туку за да бидеме самите себе за пример за да нè подражавате.

10 Зашто и кога бевме со вас, ви го заповедавме ова: ако некој не сака да работи, нека и не јаде!

11 Имено, слушаме дека некои меѓу вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи.

12 На таквите им заповедаме и ги опоменуваме во Господа Исуса Христа да работат мирно и да го јадат својот леб.

13 А на вас, браќа, да не ви се досади да правите добро!

14 Ако пак некој не го послуша нашето слово преку посланието, означете го и не се мешајте со него, за да се засрами.

15 Но не го сметајте за непријател, туку предупредувајте го како брат.

16 А Самиот Господ на мирот да ви даде мир секогаш и на секаков начин. Господ да биде со сите вас!

17 Поздрав со мојата рака, Павлова: тоа е белег во секое послание, пишувам така:

18 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со сите вас.

поглавја

1 2 3