1 И така, ако има некаква утеха во Христа, ако има некакво охрабрување од љубов, ако има некаква заедница на Духот, ако има некакво внатрешно сочувство и сомилост,
2 исполнете ја мојата радост, и мислете исто имајќи ја истата љубов, еднодушни со мисли насочени кон едно.
3 Не правете ништо од натпреварување или од суетно честољубие, туку во понизност сметајте се еден друг за поголем од себеси!
4 Не гледајте секој само на своето, туку секој нека гледа на она што се однесува за другите.
5 Имајте ја во себе истата мисла, која беше и во Исуса Христа;
6 Кој, иако е во Божјо обличје, не го сметаше како грабнато - тоа што е еднаков со Бога,
7 туку се лиши Самиот Себе, и зеде обличје на слуга станувајќи сличен со луѓето.
8 И откако се најде во лик како човек, Тој се понизи Самиот Себе и стана послушен до смрт, дури и до смрт на крст.
9 Затоа и Бог Го превозвиши и Му подари име, што е над секое име,
10 и во Исусовото име да се поклони секое колено на оние: кои се на небото, и на земјата, и под земјата;
11 и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Таткото.
12 Затоа, возљубени мои, како што секогаш бевте послушни, не само кога сум при вас, туку уште повеќе сега, кога не сум при вас, изработувајте го своето спасение со страв и трепет.
13 Зашто Бог е Оној, Кој дејствува во вас да сакате и да постапувате, според Неговата волја.
14 Правете сè без ропот и двоумење,
15 за да бидете беспрекорни и чисти, непорочни Божји чеда, среде опак и расипан род, меѓу кој светите како светила во светот,
16 држејќи го цврсто словото на животот, за да имам со што да се фалам во Христовиот Ден, дека не трчав напразно и дека не се трудев напразно.
17 Но, ако се и излевам како налевница врз жртвата и службата на вашата вера, се радувам и се радувам со сите вас.
18 А исто така радувајте се и вие и радувајте се со мене.
19 Се надевам во Господа Исуса дека ќе ви го испратам скоро Тимотеј, та и јас да се утешам кога ќе научам како сте вие.
20 Зашто немам никого, кој е со иста душа како него, кој толку искрено ќе се грижи за вас,
21 зашто сите други го бараат своето, а не она што е на Христа Исуса.
22 Вие ја знаете неговата докажана верност, дека - како дете на таткото - со мене служеше во ширењето на Евангелието.
23 Така, се надевам дека ќе го испратам него, веднаш штом ќе разберам што ќе стане со мене.
24 А се надевам во Господа дека и јас самиот скоро ќе дојдам.
25 Сметав пак за потребно да ви го испратам Епафродит, својот брат и соработник и соборец - а ваш пратеник, кој и служи на мојата потреба;
26 зашто копнееше по сите вас и беше нажален зашто сте чуле дека бил болен.
27 Навистина беше болен близу до смртта, но Бог му се смилува, и не само нему, туку и мене, за да не ми дојде жал врз жал.
28 Затоа го испратив поскоро, да се зарадувате пак кога ќе го видите, и јас да бидам помалку нажален.
29 И така, примете го во Господа со секаква радост и почитувајте ги таквите,
30 зашто заради Христовото дело се најде близу до смртта, излагајќи го својот живот на опасност, за да го надомести, тоа што вие не можевте да ми услужите.