Филипќаните 1 MKB

1 Павле и Тимотеј, слуги на Христа Исуса, до сите свети во Христа Исуса, кои се во Филипи, со надзорниците и ѓаконите:

2 благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа.

3 Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас;

4 непрекратно во секоја своја молитва се молам за сите вас со радост,

5 заради вашето учество во проповедањето на Евангелието од првиот ден досега.

6 Уверен сум во тоа, дека Оној, Кој го почна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христа Исуса.

7 А и право е да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам во срцето сите вас, кои сте соучесници со мене во благодатта - како во моите окови, така и во одбраната и утврдувањето на Евангелието.

8 Зашто Бог ми е сведок како копнеам по сите вас во чувствителното милосрдие на Христа Исуса.

9 И затоа се молам вашата љубов да изобилува сè повеќе и повеќе во сознавањето и во секакво расудување,

10 за да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов,

11 исполнети со плодовите на правдата, кои се преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога.

12 А сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна мошне многу за ширењето на Евангелието,

13 така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христа,

14 и дека повеќето од браќата во Господа, охрабрени од моите окови, се осмелуваат сè повеќе да го проповедаат без страв Божјото слово.

15 Навистина, едни Го проповедаат Христа од завист и љубов кон препирки, а други од добра волја;

16 едни од љубов, знаејќи дека лежам во окови за одбрана на Евангелието,

17 а други Го навестуваат Христа од нечесно честољубие, не со чиста намера, мислејќи да ми нанесат неволја во моите окови.

18 Но што тогаш? Само тоа: дека на секој начин, било дволично или искрено, Христос се проповеда. И му се радувам на тоа, а и ќе се радувам,

19 зашто знам дека ова - преку вашата молитва и помошта на Духот на Исуса Христа, ќе ми биде за избавување,

20 согласно моето цврсто очекување и надеж, дека во ништо нема да се засрамам; но како и секогаш во сета смелост, така и сега, Христос ќе се возвеличи во моето тело, било преку живот, или преку смрт.

21 Зашто за мене живот е Христос, а умирањето - придобивка.

22 Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи: плодна работа - и не знам што да изберам.

23 Притиснат сум од две страни: имам желба да си отидам и да бидам со Христа, што е далеку подобро,

24 но заради вас е попотребно да останам во телото.

25 И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваше напредување и за радост во верата.

26 И вашата пофалба во Христа Исуса да биде уште поизобилна во мене, заради моето повторно доаѓање меѓу вас.

27 Само однесувајте се достојно за Христовото Евангелие, за да можам јас - било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен да чујам за вас, дека стоите цврсто во еден дух, дека еднодушно се борите заедно за верата на Евангелието,

28 и дека во ништо не се плашите од противниците: тоа е за нив знак за погибел, а за вас за спасение, и тоа од Бога,

29 зашто вам ви се даде милост заради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате заради Него,

30 имајќи ја истата борба, како што видовте во мене, а и сега слушате за мене.

поглавја

1 2 3 4