1 Деца, слушајте ги своите родители во Господа, зашто тоа е право.
2 ”Почитувај ги својот татко и мајка - тоа е првата заповед со ветување -
3 за да ти биде добро и за да живееш долго на земјата!”
4 А вие, татковци, не дразнете ги вашите деца, туку воспитувајте ги во науката и опомената на Господа.
5 Робови, слушајте ги вашите господари по тело со страв и трепет, во простота на своето срце, како Христа!
6 Не служете само пред очите, како оние кои им угодуваат на луѓето, туку како Христови служители, кои од сета душа ја извршуваат Божјата волја!
7 Служете доброволно како на Господа, а не на луѓе,
8 знаејќи дека секој - роб или слободен - ако направи нешто добро, ќе го добие тоа од Господа!
9 А вие, господари, постапувајте исто така со нив, без закани, знаејќи дека нивниот и вашиот Господар е на небесата! И дека Тој не гледа кој е кој!
10 Најпосле, јакнете во Господа и во силата на Неговата моќ!
11 Облечете се во сето Божјо оружје, за да можете да им се спротивставите на измамите на ѓаволот.
12 Зашто нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век: против духовните сили на злото во небесните места.
13 Затоа земете го сето Божјо оружје, за да можете да се браните во лош ден и откако ќе свршите сè, да се одржите!
14 И така, стојте цврсто! Препашани со вистината преку бедрата, облечени во оклопот на правдата,
15 обујте ги нозете со ревноста за Евангелието на мирот!
16 При сè тоа земете го штитот на верата, со кого ќе можете да ги угаснете сите огнени стрели на нечестивиот!
17 Земете го и шлемот на спасението и мечот на Духот - кој е Божјото слово,
18 со секаква просба и молитва, молете се во Духот во секое време, и заради тоа бдејте со сето постојанство и со молба за сите свети
19 и за мене, да ми се даде слово кога ќе ја отворам устата, за да можам да ја соопштувам смело тајната на Евангелието,
20 за кое сум пратеник во окови: за да зборувам смело како што и треба да зборувам.
21 А за да знаете и вие сè за мене што работам и како сум, за сè ќе ве извести Тихик, возљубениот брат и верен слуга во Господа,
22 кого го праќам при вас токму затоа, за да научите како сме ние и за да ги утеши вашите срца.
23 Мир на браќата и љубов со вера од Бог Таткото и од Господа Исуса Христа!
24 Благодат со сите, кои беспрекорно Го љубат нашиот Господ Исус Христос!