Ефешаните 2 MKB

1 И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови,

2 во кои живеевте некогаш според векот на овој свет, според кнезот на воздушните сили - духот, кој дејствува сега меѓу синовите на непокорноста.

3 Меѓу овие, и ние живеевме некогаш во своите телесни страсти, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите и бевме по природа чеда на гневот како и сите други.

4 Но Бог, Кој е богат во милост - поради Својата голема љубов со која нè возљуби нас,

5 нè оживе заедно со Христа и нас, кои бевме мртви поради нашите гревови, - по благодат сте спасени! -

6 и со Него нè воскресна и со Него нè седна во небесните места, во Христа Исуса,

7 та, во идните векови да го покаже преголемото богатство на Својата благодат, според Својата добрина кон нас во Христа Исуса.

8 Зашто по благодат сте спасени, преку верата, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар!

9 Не од делата, за да не се фали некој.

10 Имено, Негово дело сме, создадени во Христа Исуса, за добри дела, кои Бог ги подготви однапред, за да живееме во нив.

11 Затоа спомнувајте си, дека вие, кои некогаш бевте незнабошци по тело, и наречувани необрезани од оние, кои се наречуваа обрезани, и кои се тоа по телото, по човечко дело;

12 во она време бевте без Христа, оттуѓени од израелското општество, и туѓи на заветите на ветувањето, без надеж и без Бога во светот.

13 А сега во Христа Исуса, вие кои некогаш бевте далеку, станавте близу преку Христовата крв.

14 Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двете направи едно, и го разурна преградниот ѕид, што ги делеше,

15 и во Своето тело го уништи непријателството и законот со неговите заповеди и одредби, и создавајќи мир, од двата да создаде во Себе еден нов човек,

16 и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уби врз него непријателството.

17 Тој дојде да ви проповеда мир на вас, кои бевте далеку и мир на оние, кои беа близу:

18 зашто преку Него, и едните и другите, имаме пристап при Таткото во еден Дух.

19 Затоа, вие не сте веќе туѓинци и придојденици, туку сте сограѓани на светите и домашни на Бога,

20 надѕидани врз основата на апостолите и пророците, а аголниот камен е Самиот Христос Исус,

21 врз Кого целата стројно составена зграда расте во свет храм во Господа,

22 врз кого и вие во Духот заедно се соѕидувате во Божјо живеалиште.

поглавја

1 2 3 4 5 6