1 Затоа јас, Павле, сум затвореник на Христа Исуса за вас народите,
2 само ако сте чуле за управителството на Божјата благодат, која ми е дадена за вас;
3 дека по откровение ми е соопштена тајната, како што порано пишав накратко.
4 Читајќи оттаму можете да го разберете моето сфаќање на тајната на Христа,
5 која што во другите поколенија не им беше кажана на човечките синови, како што сега преку Духот им е откриена на Неговите свети апостоли и пророци:
6 дека народите се сонаследници и припадници на истото тело, и заедничари на Неговото ветување во Христа Исуса, преку Евангелието,
7 на кое му станав служител според дарот на Божјата благодат, која ми е дадена според дејството на Неговата сила.
8 На мене - најмалиот од сите свети - ми е дадена оваа благодат: да им го навестувам на народите Евангелието на неистражливото Христово богатство
9 и на сите да им расветлам во што се состои распределбата на тајната, која од вечноста беше скриена во Бога - Создателот на сè;
10 та многуразличната Божја мудрост да им се соопшти сега преку Црквата на началствата и на властите во небесните места,
11 според вечната намера, која ја оствари во Христа Исуса, нашиот Господ,
12 во Кого имаме смелост и пристап кон Бога, полни со доверба - преку верата во Него.
13 Затоа ве молам да не се обесхрабрувате заради моите неволји, што ме снајдоа заради вас; тие се ваша слава.
14 Заради тоа ги преклонувам своите колена пред Таткото на нашиот Господ Исус Христос,
15 од Кого секој род на небесата и на земјата добива име;
16 да ви даде, според богатството на Својата слава - да зајакнете со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек,
17 та преку вера да се всели Христос во вашите срца; да бидете вкоренети и засновани во љубовта:
18 за да можете да сфатите со сите свети, што е ширина и должина, и височина и длабочина,
19 и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува знаењето; за да се исполните во целата Божја полнота.
20 А на Оној, Кој со Својата сила, што дејствува во нас, може да направи прекумерно над сè што ние молиме или мислиме -
21 Нему нека е слава во Црквата и во Христа Исуса на сите поколенија од века до века! Амин!