Јаков 2 MKB

1 Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос, не гледајќи кој е кој!

2 Зашто ако на вашето собрание дојде човек со златен прстен и со светла облека, а влезе и сиромав во бедна облека,

3 па погледате во оној, во светлата облека, и му речете: „Ти седни тука убаво!” а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!” или „Седни до моето подножје.”

4 Не правите ли разлики помеѓу себе и така станавте судии со лоши помисли?”

5 Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат?

6 А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата?

7 Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени?

8 Ако пак го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!”- добро правите.

9 Но ако гледате на лице, правите грев, и законот ве осудува како престапници.

10 Зашто кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сè.

11 Зашто Оној Кој рекол: „Не прави прељуба!” рекол и: „Не убивај!” Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот.

12 Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата.

13 Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот.

14 Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси?

15 Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна,

16 па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!” а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата?

17 Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе.

18 Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела.

19 Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш; и бесовите веруваат и треперат.

20 Сакаш ли пак да сознаеш, суетни човеку, дека верата без дела е мртва?

21 Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак?

22 Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството.

23 И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.”

24 Гледате дека човекот се оправдува преку дела, а не само преку вера.

25 Исто така и блудницата Раав не се оправда ли преку дела, кога ги прими согледувачите и кога ги испрати по друг пат?

26 Имено, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.

поглавја

1 2 3 4 5