1 Послушајте сега, вие богати: плачете и ридајте над неволјите, што идат на вас.
2 Вашето богатство изгни, и молците ги изедоа вашите раскошни облеки.
3 Вашето злато и сребро за’рѓа; и нивната ‘рѓа ќе биде сведоштво против вас, и како оган ќе ги проголта вашите тела. Насобравте богатство во последните денови.
4 Еве, платата на работниците, кои ги ожнија вашите ниви, што вие им ја скусивте, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Силите.
5 Вие живеевте на земјата раскошно и разуздано; ги потхранивте своите срца, како за денот на клање.
6 Го осудивте, го убивте праведникот; и тој не ви се противи.
7 И така, бидете трпеливи, браќа, до Господовото доаѓање! Ете, земјоделецот го чека скапоцениот род од земјата, чека трпеливо додека не го прими раниот и доцниот дожд.
8 Чекајте трпеливо и вие, зацврстете ги своите срца, зашто е близу Госповото доаѓање.
9 Не воздивнувајте, браќа, еден против друг, за да не бидете осудени: ете, Судијата стои пред вратата.
10 За пример на злострадањата и на долготрпението земете ги, браќа, пророците, кои зборуваа во Господово име.
11 Ете, блажени ги наречуваме оние, кои претрпеа. Чувте за трпењето на Јов, а видовте како Господ го заврши тоа; зашто Господ е многумилостив и сочувствителен.
12 А пред сè, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга клетва! Вашето „да”, да биде „да”, а вашето „не” - „не”, за да не паднете под суд.
13 Страда ли некој меѓу вас, нека се моли; весел ли е некој, нека Го фали Бога.
14 Боледува ли некој меѓу вас, нека ги повика старешините на црквата, и тие нека се помолат над него, и нека го помажат со масло во името на Господа,
15 и молитвата на вера, ќе го спаси болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени.
16 И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила.
17 Илија беше човек по природа ист како и ние, и се помоли со молитва да нема дожд и не падна дожд на земјата три години и шест месеци.
18 И пак се помоли, па небото даде дожд, и земјата го произведе својот плод.
19 Браќа мои, ако некој се отклони од вистината, и некој го го поврати,
20 нека знае дека оној, кој ќе го врати грешникот од неговиот заблуден пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие мноштво на гревови.