Јаков 5:12-18 MKB

12 А пред сè, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга клетва! Вашето „да”, да биде „да”, а вашето „не” - „не”, за да не паднете под суд.

13 Страда ли некој меѓу вас, нека се моли; весел ли е некој, нека Го фали Бога.

14 Боледува ли некој меѓу вас, нека ги повика старешините на црквата, и тие нека се помолат над него, и нека го помажат со масло во името на Господа,

15 и молитвата на вера, ќе го спаси болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени.

16 И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила.

17 Илија беше човек по природа ист како и ние, и се помоли со молитва да нема дожд и не падна дожд на земјата три години и шест месеци.

18 И пак се помоли, па небото даде дожд, и земјата го произведе својот плод.