1 Павле, Божјиот слуга и апостол на Исуса Христа, според верата на Божјите избраници и познавањето на вистината, која е според побожноста,
2 во надежта за вечен живот, што пред вечни времиња го вети Бог, Кој не лаже,
3 а во свое време го јави Своето Слово преку прогласувањето, што ми е доверено мене според заповедта на Бога, нашиот Спасител - до Тит, вистинското чедо на заедничката вера:
4 благодат, милост и мир од Бог Таткото и Господа Исуса Христа, нашиот Спасител.
5 Затоа те оставив на Крит, за да го средиш несвршеното и за да поставиш старешини по сите градови, како што ти наредив:
6 ако е некој непорочен, маж на една жена, ако има деца кои веруваат, кои не се обвинети заради разузданост или непокорност;
7 зашто епископот како Божји домоуправител треба да биде непорочен: не самољубив, не гневлив, не пијаница, не тепач, не лаком за срамна печалба,
8 туку гостољубив, пријател на доброто, разумен, праведен, благочестив, воздржлив,
9 кој се држи цврсто за верното слово, согласно со науката, за да може и да опоменува во здравата наука и да ги изобличува оние кои се противат.
10 Имено, има многу непокорни, празнословци и измамници, особено од обрезаните,
11 на кои треба да им се затвори устата, зашто тие заради срамна печалба растураат цели домови, учејќи го она што не треба.
12 Еден од нив, нивен сопствен пророк, има речено: „Критјаните се секогаш лажливи, зли ѕверови, мрзливи трбуси!”
13 Ова сведоштво е вистинско. Затоа изобличи ги строго, за да бидат здрави во верата,
14 за да не им обрнуваат внимание на јудејските бајки и заповедите на луѓето кои се одвраќаат од вистината.
15 За чистите сè е чисто; а за оние кои се нечисти и кои не веруваат, ништо не е чисто, туку им се онечистени и разумот и совеста.
16 Исповедуваат дека Го познаваат Бога, но Го одречуваат со делата, како одвратни и непослушни и неподобни за какво и да е добро дело.