2 Тимотеј 4 MKB

1 Те заколнувам пред Бога и Христа Исуса, Кој е готов да им суди на живите и мртвите, со Неговото јавување и Неговото Царство:

2 проповедај го словото, настојувај во време и во невреме, изобличувај, прекорувај, охрабрувај со сета трпеливост и со поука.

3 Зашто ќе дојде време, кога луѓето не ќе ја трпат здравата наука, туку според своите страсти ќе си насоберат учители,за да им ги скокоткаат ушите,

4 и ќе ги одвратат ушите од вистината, а ќе се свртат кон бајки.

5 А ти биди трезвен во сè, трпи го страдањето, врши ја работата на евангелист, исполнувај ја својата служба до крај.

6 Зашто јас веќе сум излеан како жртва налевница, и времето на моето заминување настапи.

7 Извојував добра борба, го завршив трчањето, ја запазив верата.

8 Отсега натаму ми е подготвен венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној Ден Господ, Праведниот Судија, и не само мене, туку и на сите, кои го возљубија Неговото јавување.

9 Погрижи се да дојдеш скоро при мене,

10 зашто Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниов свет и отиде во Солун; Крискент отиде во Галатија, Тит во Далмација.

11 Само Лука е при мене. Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е полезен за службата.

12 Тихик го пратив во Ефес.

13 Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката, што ја оставив во Троада при Карпа, и книгите, особено пергаментните!

14 Ковачот Александар ми направи многу зло; Господ ќе му плати според неговите дела.

15 И ти пази се од него, зашто им се противеше многу на нашите зборови.

16 При мојата прва одбрана никој не беше со мене, туку сите ме оставија; нека не им се засмета тоа!

17 Но Господ застана со мене, и ми даде сила, за да се исполни проповедувањето преку мене, и да чујат сите народи; и се избавив од лавовска уста.

18 Господ ќе ме избави од секое зло дело и ќе ме запази за Своето Небесно Царство. Нему слава за вечни векови. Амин!

19 Поздрави ги Прискила и Акила и Онисифоровиот дом!

20 Ераст остана во Коринт, а Трофим го оставив болен во Милет.

21 Погрижи се да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Еувул, Пуд, Лин, Клаудија, и сите браќа.

22 Господ Исус Христос да биде со твојот дух! Благодатта да биде со вас Амин!

поглавја

1 2 3 4