2 Тимотеј 2 MKB

1 И така, ти чедо мое, зајакнувај во благодатта, која е во Христа Исуса!

2 И што си чул од мене, пред многу сведоци, довери им го на поверливите луѓе, кои ќе бидат способни да ги поучуваат и другите!

3 Поднесувај ги со мене страдањата, како добар војник на Христа Исуса!

4 Никој, кој е во воена служба, не се заплетува во работите на овој живот, за да му угоди на оној кој го повикал во војската.

5 Исто така, ако некој се натпреварува, не добива венец ако не се натпреварува прописно.

6 Земјоделецот кој се труди треба прв да вкуси од плодовите.

7 Разбери што зборувам, Господ ќе ти даде да разбереш сè.

8 Помни Го Исуса Христа, Кој воскресна од мртвите, Кој е од Давидовото потомство, според моето Евангелие,

9 за кое страдам сè до окови, како некаков злосторник. Но Божјото слово не е оковано.

10 Заради тоа издржувам сè заради избраните, та и тие да добијат спасение со вечна слава во Христа Исуса.

11 Веродостојно е словото: „Ако умревме со Него, со Него и ќе живееме;

12 Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас;

13 ако сме неверни, Тој останува верен! Зашто Сам Себе не може да се одрече.”

14 Ова напомнувај го, заколнувај ги пред Бога, да не се препираат околу зборови, тоа е неполезно, туку е за пропаст на слушателите.

15 Труди се грижливо, за да се покажеш себеси достоен пред Бога како работник, кој не треба да се срамува, кој правилно го проповеда словото на вистината!

16 А отстранувај се од непристојни и празни зборови, зашто таквите сè повеќе ќе напредуваат во безбожност,

17 а нивното слово ќе разјадува како рак; од кои се Именеј и Филет,

18 кои се оддалечија од вистината, тврдејќи дека воскресението веќе станало и со тоа ја рушат верата на некои.

19 Сепак цврсто стои Божјата основа, која го има овој печат: „Господ познава кои се Негови” и „Да отстапи од неправдата секој, кој Го именува Господовото име!”

20 А во голем дом има не само златни и сребрени садови туку и дрвени и земјани. Едните се за благородна, а другите за неблагородна употреба.

21 И така, ако некој се очисти од овие, ќе биде сад за чесна употреба, осветен, полезен на домаќинот и приготвен за секое добро дело.

22 Бегај од младински желби! Стреми се кон правда, вера, љубов и мир со оние кои Го повикуваат Господа од чисто срце.

23 А отфрли ги безумните и неразумните распрашувања, знаејќи дека раѓаат борби!

24 А Господовиот слуга не смее да се расправа, туку треба да биде кроток кон сите, способен да поучува и да трпи;

25 да ги воспитува со кротост оние кои се противат, та не би ли им дал Бог покајание, за полно познавање на вистината,

26 за да се отрезнат од мрежата на ѓаволот, кој ги заробил за да ја исполнуваат неговата волја.

поглавја

1 2 3 4