2 Тимотеј 3 MKB

1 А ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња,

2 зашто луѓето ќе бидат саможиви, среброљупци, самофалци, горделиви, хулители; непокорни на родителите, неблагодарни, несвети;

3 без природна љубов, непомирливи, клеветници, невоздржани, жестоки, непријатели на доброто,

4 предавници, избувливи, надуени, повеќе сластољубиви, а не богољубиви,

5 кои имаат изглед на побожност, а се одрекле од нејзината сила; отстранувај се и од нив!

6 Зашто од нив се оние кои се вовлекуваат во куќите и ги измамуваат простите жени натоварени со гревови, кои се водени од различни страсти,

7 кои учат секогаш, а никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината.

8 И како што Јаниј и Јамвриј му се спротивија на Мојсеј, така и овие и се противат на вистината, луѓе со изопачен ум, отфрлени во обѕир на верата.

9 Но нема да напредуваат веќе, зашто нивното безумие ќе се открие пред сите, како што се откри и на оние двајца.

10 А ти го следеше моето учење, начинот на живеење, замислата, верата, долготрпението, љубовта, трпението,

11 гонењата, страдањата што ми се случија во Антиохија, Иконија и Листра. Какви гонења претрпев, и Господ ме избави од сите!

12 А и сите кои сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети,

13 додека злите луѓе и измамниците ќе напредуваат во злото, измамувајќи и бивајќи измамени.

14 А ти остани во она што си го научил и во што си убеден, зашто знаеш од кого си го научил и

15 зашто од детството ги познаваш Светите Писма, кои можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса.

16 Целото Писмо е од Бога вдахновено и е полезно за поука, за изобличување, за поправање и за воспитување во правдата,

17 за да биде Божјиот човек совршено подготвен за секое добро дело.

поглавја

1 2 3 4