Авакум 1 MKB

1 Пророчко видение што го виде пророк Хабакук.

2 До кога, Господе, ќе викам за помош, а Ти да не чуеш? Да викам кон Тебе „Насилство!” а Ти да не спасиш?

3 Зошто ми ја покажуваш неправдата пред очи? Зошто го гледаш угнетувањето? Грабеж и насилство се пред мене. Расправија и раздор беснеат.

4 Затоа законот ја изгуби силата, а правдата не се појавува ни за миг. Да, злосторникот го гони праведникот, затоа судот излегува изопачен.

5 „Погледајте меѓу народите, гледајте, чудете се, вчудоневидете се! Зашто во ваши денови правам дело, во кое не бисте поверувале, ако некој ви го раскаже.

6 Зашто еве, ги подигам Халдејците, народ жесток и брз, што навлегува ширум низ земјата, за да ги одземе живеалиштата кои не се негови.

7 Тој е страшен и морничав, од самиот него излегува неговиот суд и неговата власт.

8 Коњите му се побрзи од леопардите, побесни од волците навечер; јавачите му се простираат, стигаат оддалеку, налетуваат како орли, се спуштаат за да колват.

9 Сите тие ќе дојдат да насилствуват, лицата им се устремени напред како источен ветер, собират пленици како песок!

10 Тој им се потсмева на царевите, кнезовите му се за подбив, се подигрува со сите тврдини, насипува земја и ги зазема.

11 Тогаш провева како ветер и си оди, престапува и е виновен, кому сил?та му е негов бог.”

12 Не си ли Ти од дамни времиња, Господи, мој Боже, мој Светецу? Ние нема да умреме! Ти, Господи, го определи да суди, го постави, Стено моја, за да казнува.

13 Твоите очи се пречисти, за да гледаат зло. Ти не можеш да ги гледаш беззаконијата. Зашто ги гледаш вероломците, молчиш кога злочинецот го голтнува поправедниот од себе?

14 Ги правиш ли луѓето како морските риби, како лазачите, што немаат господар?

15 Тој ги лови сите на јадица, ги извлекува со мрежа, ги собира во својата рибарска мрежа, и така се радува и ликува.

16 Затоа и жртвува на својата мрежа, и пали темјан на својата рибарска мрежа, зашто му набавуваат мрсен дел, и храната му е обилна.

17 И заради тоа ќе ја испразни ли мрежата своја и ќе ги убива ли постојано народите безмилосно?

поглавја

1 2 3