1 Ќе застанам на својата стража, ќе се поставам на кулата, ќе внимавам да видам, што ќе ми рече Тој, и што да одговорам на мојот укор.
2 Тогаш Господ ми одговори и рече: „Запиши го видението, врежи го врз плочки, та поминувачот да го чита лесно.”
3 Зашто видението е сепак за определеното време: брза кон исполнувањето, и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто навистина тоа ќе дојде и не ќе се забави.
4 Ете: на горделивиот, душата не му е праведна, а праведникот ќе живее преку својата вера.
5 Виното навистина го измамува и горделивиот, и не може да се одмори, оној, кој го отвора грлото како Подземје, кој е ненаситен како смртта, кој ги собира за себе сите народи, кој ги збира за себе сите племиња.
6 Зар сите не ќе искажат изрека за него, потсмев и гатанка ќе пеат против него? Ќе речат: ‘Тешко му на оној, кој го умножува она, што не е негово! - и до кога ќе се натрупува со залози?’
7 Не ќе ли станат наеднаш твоите заемодавачи, не ќе ли се разбудат оние кои собираат од тебе? Тогаш ќе им бидеш плен!
8 Зашто ограби многу народи, сиот остаток од луѓето ќе те ограби тебе, поради човечката крв, и насилството извршено над земјата, над градот и сите негови жители.
9 Тешко му на оној, кој придобива неправедна печалба за својата куќа, за да го постави гнездото си на високо, и да се избави од раката на злото.
10 Си смислил срам за својата куќа уништувајќи многу племиња, и си згрешил против себе.
11 Зашто од самите ѕидови каменот вика, а гредата од дрвата му одговара.
12 Тешко му на оној, кој гради град со крв и ја засновува тврдината врз неправда!
13 Ете, не е ли тоа од Господ над Воинствата, за да се трудат народите само за оган, за да се изморуваат народите за ништо?
14 Зашто земјата ќе се наполни со знаењето на Господовата слава, како што водите го покриваат морето.
15 Тешко му на оној, кој го наведува ближниот на пиење, турува отров додека тој пие, за да ја набљудува неговата разголеност!
16 Ти си се наситил со срам место со слава; само пиј и покажувај го срамот на своето необрезание. Чашата на Господовата десница ќе донесе срам на твојата слава.
17 Насилството над Ливан ќе те покрие тебе; и истребувањето на ѕверовите ќе ги исплаши, поради човечката крв, и насилството извршено над земјата, над градот и сите негови жители.
18 За што ползува делканиот лик, та уметникот да го делка? За што леаниот лик, учителот на лага, та неговиот творец да се доверува на делото свое, обликувајќи неми идоли?
19 Тешко му на оној, кој вели на дел од дрво: ‘Разбуди се!’ На немиот камен: ‘Стани!’ Тој ли ќе поучува? Ете, тој е опточен и со злато и со сребро, но никаков здив нема во него.
20 Но Господ е во Својот свет храм: сета земја нека замолчи пред Него!”