Јоил 1:11-17 MKB

11 Засрамете се, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна полската жетва.

12 Лозата се исуши, смоквата овена, калинката, палмата и јаболкниците: секое полско дрво се исуши. Затоа радоста ја снема меѓу човечките синови.

13 Свештеници, препашете вреќиште и плачете! Службеници на жртвеникот, тажете! Дојдете, преноќевајте во вреќиште, служители на мојот Бог! Зашто од Домот на нашиот Бог ги снема лебниот принос и налевницата!

14 Одредете осветен пост, прогласете свечен собир; старешини, соберете ги, сите жители на земјата во куќата на Господа, вашиот Бог. Извикајте кон Господа:

15 О каков ден! Зашто Господовиот ден е близу и доаѓа како гибел од Сèвишниот.

16 Не исчезна ли храната пред нашите очи? Нели ги снема веселбата и радоста од Домот на нашиот Бог?

17 Зрната се изгниени под грутките; пусти се житниците, срушени се спремите, зашто снема жито.