Јоил 3 MKB

1 „Зашто ете, во оние денови и во она време, кога ќе им го вратам пленството на Јудеја и на Ерусалим,

2 ќе ги соберам сите народи и ќе ги поведам во долината Јосафат. Таму ќе им судам заради Израел, Мојот народ и Моето наследство, кое го растераа меѓу народите и ја разделија меѓу себе Мојата земја.

3 Фрлија жрепка за Мојот народ, даваа дечиња за блудници продаваа девојки за вино и пиеја.”

4 „И вие, Тире и Сидоне, што сакате од Мене? И вие филистејски цареви? Сакате ли да ми се одмаздите? Ако Ми се одмаздувате Мене одмаздата ќе падне бргу на вашите глави.

5 На вас што ми го одзедовте среброто и златото, што ги однесовте Моите богати ризници во вашите храмови,

6 на вас кои им ги продававте на Грците, синовите на Јуда и на Ерусалим за да ги истерате од нивната родина.

7 Ете, Јас ќе ги подигнам од местото, каде и да ги продадовте, и ќе направам вашето злосторство да падне на главите ваши.

8 Ќе им ги продадам вашите синови и ќерки на Јудините синови, а тие ќе им ги продадат на Савејците, далечен народ. Зашто Господ рече!”

9 Разгласете го ова меѓу народите: „Пригответе се за војна! Подигајте јунаци! Напред, нападнете, сите војници!

10 Прековете ги ралата во мечеви, срповите во копја, слабиот нека рече: ‘Јунак сум!’”

11 Побрзајте и дојдете, сите околни народи, и соберете се онаму! (Господи, испрати ги онаму Твоите јунаци).

12 „Станете народи, дојдете во Долината Јосафат, зашто таму ќе седнам да им судам на сите околни народи.

13 Фаќајте се за српот: жетвата е зрела. Станете, слезете, бочвата е полна, каците се прелеваат, зашто е голема нивната нечесност.”

14 Мноштво, мноштво, во Долината на Пресудата! Зашто е близу Господовиот Ден, во Долината на Судот!

15 Сонцето и месечината ќе потемнат, ѕвездите ќе ја изгубат својата светлина,

16 Господ ќе загрми од Сион, ќе дига глас од Ерусалим; небото и земјата ќе се тресат. Ама Господ ќе биде заштита на Својот народ и заштита на синовите на Израел.

17 „Тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ ваш Бог, Кој престолува на Сион, на Мојата Света Гора. Ерусалим ќе ти биде светилиште, туѓинец веќе не ќе мине низ него.”

18 Кога ќе дојде тој ден, горите ќе капат слатко вино, од бреговите ќе тече млеко, водата ќе затече низ сите речни корита во Јудеја. Извор ќе бликне од Господовата куќа за да ја напои Ситимската Долина.

19 „Египет ќе запустее, Едом ќе стане безживотна пустина заради насилствата извршени врз Јудините синови, зашто пролеаја невина крв, во нивната земја.

20 Јудеја ќе биде населена довека и Ерусалим во сите колена.

21 Ќе ја одмаздам нивната крв за која уште не се одмаздив. И Господ ќе пребива на Сион.”

поглавја

1 2 3