1 Зборовите на Амос, пастир од Текое. Неговите виденија за Израел во доба на јудејскиот цар Озиј и Еровоам, синот на Јоас, израелски цар, на две години пред земјотресот.
2 Тој вели: „Господ грми од Сион, гласот Му се разнесува од Ерусалим; сточарските пасишта жалат, и се суши врвот на Кармил.”
3 Господ зборува вака: „За три злостори на Дамаск, за четири злочини, одлуката е неотповиклива: зашто го вршеа Галад со железни орудија.
4 Ќе пуштам оган на Азаиловиот дом за да ги изгори Вен-Ададовите дворци;
5 ќе му ги скршам лостовите на Дамаск ќе ги истребам жителите на Викат-Авен и жезлоносецот од Бет-Еден; арамскиот народ ќе отиде во ропство во Кир,” говори Господ.
6 Господ зборува вака: „За три злостори на Газа, за четири злочини, одлуката е неотповиклива: зашто одведоа сè во ропство и му го предадоа на Едом,
7 ќе пуштам оган врз ѕидовите на Газа за да и ги изгори дворците.
8 Ќе ги истребам азотските жители и жезлоносецот од Аскалон. ќе испружам рака врз Акарон за да загине филистејскиот Остаток,” говори Господ Бог.
9 Господ зборува вака: „За три злостори на Тир, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто му ги предаде сите заточеници на Едом и не се сетија за братскиот сојуз.
10 Ќе пуштам оган на ѕидовите на Тир за да ги изгори нивните дворци.”
11 Господ зборува вака: „За три злостори на Едом, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто го гонеше братот со меч, задушувајќи ја својата сомилост, зашто го распламтуваше секогаш својот гнев, зашто го поттикнуваше својот бес.
12 Ќе пуштам оган на Теман за да ги изгори дворците во Восор.”
13 Господ зборува вака: „За три злодејства на Амоновите синови за четири злостори, одлуката е неотповиклива: зашто ги распарува галадските трудници за да ги рашират своите граници,
14 ќе запалам оган на ѕидовите на Рава за да и ги изгори дворците, со бојна врева во ден на војна, со бури во ден на виори,
15 а царот ќе им отиде на заточение, тој и неговите кнезови со него,” говори Господ.