1 Горко им на безгрижните на Сион и на „спокојните” на Самариската Гора, наречени „првина на народите,” на кои им се обратува Израелевиот дом.
2 Тргнете во Хална и видете, отидете оттаму во Големиот Емат, слезете во Филистејскиот Гат. Дали им е подрачјето поголемо од вашето?
3 Мислите: далеку е кобниот ден, и ја приближувате власта на насилството.
4 Лежејќи врз легла од слонова коска, навалени на постелите, јадат јагниња од стадото и телиња од стајата.
5 Викаат покрај звукот на псалтирот, измислуваат свирки како Давид,
6 пијат вино од врчви и се мачкаат со најдобро масло, но за Јосифовото паѓање не се грижат.
7 Затоа сега првите ќе бидат протерани, ќе молкне веселбата на раскошниците.
8 Господ се заколна Сам Себеси и вака говори Господ, Бог над Воинствата: „Се гнасам од Јакововата гордост, и ги мразам неговите дворци, ќе ги предадам градот и сè во него.”
9 Ако останат и десет луѓе во една куќа, ќе умрат.
10 Роднината и горачот ќе се фатат да ги изнесат коските од куќата; ако некој би го прашал оној во аглот на куќата: „Остана ли уште некој со тебе?” Тој ќе одговори: „Не! Тишина! Господовото име не смее да се спомне.”
11 Зашто, ете, Господ заповеда, и голема куќа се разурнува во делчиња, малата куќа се распукнува во делови.
12 Трчаат ли коњите по стрмните карпи? Дали се ора морето со волови? Вие ја претворувате правдата во отров, а плодот на справедливоста во пелин.
13 Вие му се радувате на Ло-Дабар кога велите: „Не го зазедовме ли со своја сила Карнаим?”
14 „Ха, еве, Израелев доме, подигам против тебе - говори Господ, Бог над Воинствата - народ што ќе ве угнетува од Ематскиот Влез до Пустинскиот Поток.”