Амос 7 MKB

1 Еве што ми покажа Господ Бог: ете, создаде скакулци кога прекосот почна да никнува, прекосот по главното косење.

2 Кога го изедоа сиот земјин посев, реков: „Господи Боже, прости, Те молам! Како ќе преживее Јаков онолку мал?”

3 И Господ се нажали за тоа: „Не ќе биде,” рече Господ.

4 Еве што ми покажа Господ Бог: ете, Господ Бог го повика огнот да казнува; веќе ја изеде големата бездна и токму почна да го голта полето.

5 А јас реков: „Застани, Господи Господи, Те молам! Како ќе преживее Јаков онолку мал?”

6 И Господ се нажали за тоа: „Ни ова не ќе биде,” рече Господ Бог.

7 Еве што ми покажа Господ, Господ: ете, човек стои на ѕидот во раката му е висулец.

8 „Што гледаш Амосе?” праша Господ. „Висулец,” реков. Тогаш Господ рече: „Еве ќе го измерам со висулецот Мојот Израелски народ; не ќе го штедам веќе.

9 Ќе ги разурнат Исаковите високи места, ќе запустат израелските светилишта, и со меч ќе станам против Еровоамовата куќа.”

10 Амасиј, ветилскиот свештеник, му порача на израелскиот цар Еровоам: „Амос се завери против тебе сред Израелевиот дом; земјата веќе не ќе може да ги поднесува неговите зборови.

11 Зашто тој зборува вака: ‘Еровоам ќе загине од меч, а Израел од својата земја ќе биде одведен на заточение.’”

12 Амасиј му рече на Амоса: „Оди си гледачу! Бегај во Јудината Земја, таму јади леб и таму пророкувај!

13 Ама во Ветил веќе да не пророкуваш, зашто ова е царско светилиште, царски дом.”

14 „Не бев пророк ни пророчки син - му одговори Амос на Амасија - бев сточар и одгледував диви смокви:

15 Но Господ ме зеде од стадото и Господ ми рече: ‘Оди пророкувај му на Мојот народ Израел.’ Сега чуј го Господовото слово: Ти велиш:

16 ‘Не пророкувај против Израел, не пророкувај против Исаковиот дом. ‘

17 Затоа Господ зборува вака: ‘Твојата жена ќе блудствува по градот, твоите синови и ќерки ќе паднат од меч, твојата земја ќе биде поделена со јаже, ти ќе умреш на нечиста земја, а Израел ќе отиде во заточение од својата земја.’”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9