Амос 8 MKB

1 Еве што ми покажа Господ Бог: ете, кошница со летни плодови:

2 „Што гледаш Амосе?” ме праша. „Кошница со зрели плодови,” реков. Тогаш Господ ми рече: „Мојот Израелски народ дозреа за пропаст; не ќе го штедам веќе.

3 И храмските певици ќе ридаат во тој ден - говори Господ Бог, - ќе бидат многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде, молчејќи.”

4 Слушајте го ова, вие што ги газите сиромасите и што ги сотрувате бедните во земјата!

5 Велите: „Кога ли ќе помине новата месечина, за да го продадеме житото, и саботата, за да тргуваме со пченицата. Намалувајќи ја ефата, зголемувајќи го сикалот, да измамуваме со криви мерилки,

6 за да го купиме сиромашниот за сребреници, бедниот за лесни обувки, и за да ги продаваме триците од житото.”

7 Господ се заколна во Јакововата Слава: „Не ќе заборавам довека ниедно ваше дело.”

8 Не ќе ли се стресе од тоа земјата, не ќе ли зажалат сите нејзини жители, не ќе ли се издигне сета како Нил, не ќе ли се спушти како Египетската Река?

9 Во тој ден - говори Господ Бог - ќе направам сонцето да зајде на пладне, и ќе ја затемнам земјата сред бел ден.

10 Ќе ги обрнам вашите празници во жалост и сето ваше пеење во плач; ќе го облечам во вреќиште секое бедро, и ќе ја обескосам секоја глава. И ќе биде како кога се тажи по единец, и што ќе остане, ќе биде како ден на горчливост.”

11 „Еве, доаѓаат денови - говори Господ Бог - кога ќе испратам глад на земјата, не глад за леб ни жед за вода, туку за слушање на зборовите на Господа.

12 Ќе скитаат од море до море, талкајќи од север до исток барајќи го Господовото слово, ама не ќе го најдат.

13 Во оној ден убавите девојки и младинци ќе примираат од жед.

14 Оние кои се колнат во самарискиот грев и се заколнуваат: ‘Така да биде жив твојот бог, Дане!’ и: ‘Така да биде жив твојот Љубимец Вирсавео!’ Тие ќе паднат и никогаш не ќе станат.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9