1 Чујте го Израелеви синови ова слово кое Господ го зборува против вас, против секој род што го изведов од Египетската Земја:
2 „Само вас ве познав меѓу сите земни племиња, затоа ќе ве казнам за сите ваши гревови.”
3 Одат ли двајца заедно ако не се договорат?
4 Рика ли лавот во гората ако нема плен? Пушта ли лавчето глас во дувлото ако ништо не улови?
5 Паѓа ли птицата на земјата ако нема клопка на неа? Се дига ли мрежата од земјата ако ништо не се фати?
6 Труби ли трубата по градот ако Господ не ја испрати?
7 Господ Бог не прави ништо а да не им ги открие Своите намери на Своите слуги - пророците.
8 Лавот рика: кој не ќе се исплаши? Господ Бог зборува: кој не ќе пророкува?
9 „Разгласете го ова по асирските дворци и по дворците во Египетската Земја; речете: „Соберете се на планините на Самарија, погледајте го големиот неред во неа и угнетувањето сред неа.
10 Зашто не знаат да прават право,’ говори Господ. ‘Во дворците натрупуваат насилство и угнетување.’”
11 Затоа Господ Бог зборува вака: „Непријателот ќе ја опколи земјата, ќе ги разурне твоите тврдини, ќе ги ограби твоите дворци.”
12 Господ зборува вака: „Како кога пастирот ќе истрга две листни коски или делче од уво од лавската уста, така ќе се истргаат Израелевите синови кои седат во Самарија на работ на постелата и на леглата.”
13 Чујте и посведочете против Јакововиот дом - говори Господ Бог, Бог над Воинствата:
14 „Во оној ден кога ќе го казнам Израел за злосторите ќе ги казнам и ветилските жртвеници; роговите на жртвеникот ќе се скршат и ќе паднат на земјата.
15 Ќе ги разурнам зимската куќа и летната куќа, ќе пропаднат куќите од слонова коска. Многу куќи ќе исчезнат!” говори Господ.