1 Словото Господово дојде до Јоила, синот Фатуилов.
2 Чујте го ова, старци, послушајте, сите жители на земјата! Дали некогаш било нешто вакво во вашите денови или во деновите на вашите татковци?
3 Речете им го ова на вашите синови, вашите синови на своите синови, а нивните синови на идното колено.
4 Што остави гасеницата, го изеде скакулецот, што остави скакулецот, го изеде црвецот, што остави црвецот, го дојаде бубачката.
5 Разбудете се, пијаници, и плачете! Сите винопијачи, тажете по ново вино: зашто ви е земено од устата.
6 Зашто мојата земја ја прекри силен и безброен народ; забите му се како лавски заби, катниците како во лавица.
7 Ми ја запусти виновата лоза и ги искрши моите смокви, ги олупи и ги расфрла, гранките им побелеа.
8 Плачете како девици облечени во вреќиште по својот вереник.
9 Ги снема лебните приноси и налевницата од Господовиот Дом. Тажат свештениците, Господовите слуги.
10 Полето е запустено, земјата е ограбена. Житото е ограбено, виното пропадна, маслото пресуши.
11 Засрамете се, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна полската жетва.
12 Лозата се исуши, смоквата овена, калинката, палмата и јаболкниците: секое полско дрво се исуши. Затоа радоста ја снема меѓу човечките синови.
13 Свештеници, препашете вреќиште и плачете! Службеници на жртвеникот, тажете! Дојдете, преноќевајте во вреќиште, служители на мојот Бог! Зашто од Домот на нашиот Бог ги снема лебниот принос и налевницата!
14 Одредете осветен пост, прогласете свечен собир; старешини, соберете ги, сите жители на земјата во куќата на Господа, вашиот Бог. Извикајте кон Господа:
15 О каков ден! Зашто Господовиот ден е близу и доаѓа како гибел од Сèвишниот.
16 Не исчезна ли храната пред нашите очи? Нели ги снема веселбата и радоста од Домот на нашиот Бог?
17 Зрната се изгниени под грутките; пусти се житниците, срушени се спремите, зашто снема жито.
18 Како воздивнува добитокот! Здивени стада говеда, скитаат, зашто им нема пасиште. Па и стада овци ја поднесуваат казната.
19 Кон Тебе, Господи, викам? Зашто огнот ги спали пустинските пасишта, пламенот ги изгоре сите полски дрва.
20 Па и полските дрва копнеат по Тебе, зашто потоците пресушија, огнот ги спали пустинските пасишта.