6 Зашто мојата земја ја прекри силен и безброен народ; забите му се како лавски заби, катниците како во лавица.
7 Ми ја запусти виновата лоза и ги искрши моите смокви, ги олупи и ги расфрла, гранките им побелеа.
8 Плачете како девици облечени во вреќиште по својот вереник.
9 Ги снема лебните приноси и налевницата од Господовиот Дом. Тажат свештениците, Господовите слуги.
10 Полето е запустено, земјата е ограбена. Житото е ограбено, виното пропадна, маслото пресуши.
11 Засрамете се, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна полската жетва.
12 Лозата се исуши, смоквата овена, калинката, палмата и јаболкниците: секое полско дрво се исуши. Затоа радоста ја снема меѓу човечките синови.