Јоил 2:17-23 MKB

17 Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, Господовите слуги. Нека молат: „Смили му се Господи, на Својот народ! Не му го предавај Своето наследство на срамот, на потсмев на народите. Зошто да се рече меѓу народите: ‘Каде им е нивниот Бог?’”

18 Тогаш Господ, ќе ревнува за Својата земја, и ќе го помилува Својот народ.

19 Господ ќе му одговори на Својот народ: „Еве ви испраќам жито, вино и масло, за да се наситите со нив. Никогаш веќе не ќе дозволам да им бидете срам на народите.

20 Ќе го протерам дојдениот од север далеку од вас, ќе го протерам во сува и пуста земја, со неговата претходница до Источното Море, со неговата заднина до Западното Море. Ќе се крене неговиот непријатен мирис, ќе се дига неговата смрдеа. Зашто направил многу.”

21 О земјо, не бој се! Биди весела, радувај се, зашто Господ направи големи дела.

22 Полски ѕверови, не бојте се; пасиштата во пустината се зеленеат пак, овошките даваат род, смоквата и лозата носат изобилство.

23 Сионски синови, радувајте се, веселете се во Господа, вашиот Бог; зашто ви дава есенски дожд во права мера, излеа дожд врз вас, есенски и пролетен дожд како некогаш.