Јоил 2:23-29 MKB

23 Сионски синови, радувајте се, веселете се во Господа, вашиот Бог; зашто ви дава есенски дожд во права мера, излеа дожд врз вас, есенски и пролетен дожд како некогаш.

24 Гумната ќе бидат полни со жито, каците ќе се прелеваат од вино и масло.

25 „Ќе ви ги надоместам годините што ги изедоа скакулецот, гасеницата, црвецот и бубачката, Мојата силна војска што ја испратив против вас.

26 Ќе јадете изобилно, ќе јадете до ситка, ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој постапуваше чудесно со вас. Мојот народ не ќе се засрами никогаш веќе.

27 Ќе знаете дека Сум сред Израел, дека Јас Сум Господ, ваш Бог, и никој друг. Мојот народ нема да се засрами.

28 По ова ќе го излеам Мојот Дух на секое тело, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат, вашите старци ќе сонуваат соништа, а вашите момчиња ќе гледаат виденија.

29 Па и на слугите и на слугинките ќе го излеам Мојот Дух во оние денови.