1 Господовото слово му дојде на Јона, синот Аматиев и му рече:
2 „Стани, оди во Нинивија, град голем, и викај против него, зашто нивното зло се воздигна пред Моето лице.”
3 А Јона стана за да побегне во Тарсис, од Господовото присуство. Слезе во Јафа и најде брод што пловеше во Тарсис. Го плати возењето и слегна во него за да отплови со нив во Тарсис, далеку од Господовото присуство.
4 Но Господ фрли голем ветар на морето, и стана голема бура во морето, та мислеа дека бродот ќе се разбие.
5 Морнарите се исплашија; секој го повика својот бог, и за да го олеснат, го фрлаа во морето товарот што беше во бродот. Јона пак беше слегол на дното на бродот, легнал и заспал со цврст сон.
6 Заповедникот на бродот му пристапи и рече: „Што е со тебе, спанко? Стани и повикувај Го својот Бог! Можеби Тој Бог ќе си спомне за нас за да не загинеме.”
7 Потоа си рекоа едни на други: „Ајде да фрлиме жрепки, за да видиме заради кого ни дојде ова зло.” Фрлија жрепка, и жрепката падна на Јона.
8 Тогаш тие му рекоа: „Кажи ни: заради кого ни дојде ова зло, со каква работа се занимаваш? Откаде доаѓаш, од која земја си и од кој народ?”
9 Тој им одговори: „Јас сум Евреин и се бојам од Господа, небесниот Бог, Кој ги направи морето и копното.”
10 Мажите се исплашија многу и му рекоа: „Што е тоа што го направи!” Зашто беа узнале дека тој бега од Господовото присуство, и самиот им го раскажа тоа.
11 Тие го прашаа: „Што да направиме со тебе за да ни се смири морето?” Зашто морето стануваше сè побурно.
12 Тој им одговори: „Земете ме и фрлете ме во морето, па ќе ви се смири морето, зашто знам дека заради мене се крена на вас ова голема бура.”
13 Но мажите веслаа за да се вратат на копното но не беа способни, зашто морето се креваше сè побесно против нив.
14 Тогаш го повикаа Господа и рекоа: „Господи, Ти се молиме, Ти се молиме, не оставај да загинеме заради животот на овој човек и не навалувај врз нас невина крв, зашто Ти о Господи, си направил како што ти е мило.”
15 И го зедоа Јона, и го фрлија во морето, и морето престана да беснее.
16 Тогаш мажите се уплашија од Господа со голем страв, та Му принесоа жртва на Господа и направија заклетви.
17 Господ беше определил голема риба да го проголта Јона. Јона беше во рибината утроба три дни и три ноќи.