Малахија 1:8-14 MKB

8 А кога за жртва принесувате слеп добиток, зар тоа не е зло? И кога принесувате хромо и болно зар тоа не е зло? Донеси му нешто такво на својот намесник, дали ќе биде задоволен и дали ќе те прими добро? - говори Господ над Воинствата.

9 Сега, помолете се на Бога за да ни се смилува. Тоа го донесуваат вашите раце, дали ќе ве прими добро? - зборува Господ над Војските.

10 О, кога некој од вас би ја затворил вратата, за да не Ми палите напразно оган врз жртвеникот! Не сте Ми мили - говори Господ над Воинствата - и не примам жртва од вашите раце.

11 Зашто од исток до запад, велико ќе биде Моето Име меѓу народите, и на секое место ќе се принесува темјан и чиста жртва на Моето Име меѓу народите - говори Господ над Воинствата.

12 Но, вие го осквернувате кога зборувате: ‘ Господовиот стол не е почитуван и храната врз него не е за ништо!’

13 Уште велите: ‘ Ете штета на трудот!’ и го презирате - говори Господ над Војските. Кога доведувате ограбена, хрома и болна стока, та ја принесувате како жртвен дар, зар да го примам тоа милостиво од вашата рака? - говори Господ над Воинствата.

14 Проклет да е измамникот, кој во стадото има овен, што Ми го заветувал, а Ми жртвува јалова овца. Зашто Јас Сум Велик Цар - зборува Господ над Воинствата. - и Моето Име е страшно меѓу народите.