Малахија 3 MKB

1 „Еве го испраќам Мојот гласник за да приготви пат пред Мене, и ќе дојде одненадеж во Својот Храм Господ, Кого вие Го барате и Ангелот на Заветот, по кого копнеете. Еве Го, веќе доаѓа - говори Господ над Воинствата.

2 Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање и кој ќе устои кога Тој ќе се јави? Зашто Тој е како огнот на леарот и како пепелницата на белачот,

3 и ќе заседне како оној, кој топи и пречистува сребро. Ќе ги очисти Левиевите синови и ќе ги претопи како златото и среброто, за да Му принесат на Господа жртва во правда.

4 Тогаш приносот Јудин и на Ерусалим ќе Му биде мил на Господа, како во древните денови и како во првите години.

5 Ќе дојдам при вас на суд, и ќе бидам подготвен сведок против вражалците и прељубниците, против оние, кои се колнат лажно, против оние, кои задржуваат од платата на работникот, вдовицата и сирачето, против оние, кои го газат правото на странците и не се бојат од Мене - говори Господ над Воинствата.

6 Зашто Јас, Господ, не се менувам, затоа вие, Јаковови синови, не бевте уништени!

7 Од времето на своите татковци отстапувате од Моите заповеди и не ги чувате. Вратете се при Мене и Јас ќе се вратам при вас - говори Господ над Воинствата. Прашуваат: ‘ Како да се вратиме?’

8 Смее ли човек да Му задржува на Бога? А вие Ми задржувате Мене, и прашувате: ‘ Во што Ти задржуваме?’ Во десетокот и во приносот.

9 Удрени сте со проклетство, зашто Ми задржувате вие, сиот народ!

10 Донесете ги сите десетоци во ризницата, за да има храна во Мојот Дом. Тогаш испитајте Ме - зборува Господ над Војските - не ќе ли ви ги отворам небесните брани и не ќе ли излеам врз вас благослов со полна мерка;

11 нема ли заради вас да му забранам на скакулецот за да не ви ги расипува веќе посевите и за да не ви биде неплодна лозата во полето - говори Господ над Воинствата.

12 Тогаш сите народи ќе ве сметаат за среќни, зашто ќе бидете земја на блаженството - говори Господ над Воинствата.

13 Дрски се вашите беседи против Мене - вели Господ.

14 Вие сепак прашувате: ‘ Што сме зборувале меѓу себе против Тебе?’ Зборувавте: ‘Напразно е да Му се служи на Бога и каква е полза дека ги пазиме Неговите прописи и одиме жалосни пред Господа над Воинствата.

15 Отсега ќе ги наречуваме среќни горделивите: напредуваат оние кои прават зло, иако Го искушуваат Господа, се извлекуваат!’

16 Но кога разговараат оние, кои се плашат од Бога, Господ внимава, ги слуша и тоа се запишува пред Него во Спомен книгата во полза на оние, кои се бојат од Господа и кои Го почитуваат Неговото Име.

17 „Мои ќе бидат, моја печалба - говори Господ над Воинствата. Во Денот што го подготвувам ќе им бидам милостив како што таткото му е милостив на синот, кој му служи.”

18 И тогаш пак ќе го разликувате праведникот од грешникот, оној, кој Му служи на Бога од оној, кој не Му служи.

поглавја

1 2 3 4