Малахија 2 MKB

1 А сега ви заповедам, свештеници!

2 Ако не послушате, ако не земете на срце да Го прославите Моето Име - зборува Господ над Воинствата - ќе испратам клетва врз вас и ќе го проколнам вашиот благослов, и веќе го проколнав зашто не го зедовте тоа на срце.

3 И ќе ви ја скршам раката, ќе ви фрлам нечистота во лицето, нечистотата на вашите празници, и ќе ве отстранам заедно со нив.

4 По тоа ќе знаете: тоа беше Моја опомена, за да остане Мојот Завет со Левиј - зборува Господ над Војските.

5 А Мојот Завет со нив беше Завет на живот и мир - Јас му ги дадов: за страв - и тој се плашеше од Мене, го почитуваше Моето име.

6 Законот на вистината беше во неговата уста, немаше вина на неговите усни; одеше по Мене во мир и справедливост и мнозина одврати од грев.

7 Да, свештениковите усни треба да го чуваат знаењето, а од неговата уста треба да се бара Законот: зашто тој е пратеник на Господа над Воинствата.

8 Но вие застранивте од патот, направивте мнозина да се сопнуваат од Законот, го изгазивте Левиевиот Завет - зборува Господ над Воинствата.

9 Затоа направив да ве презираат и да ве понижуваат сите народи, зашто не се држевте за Моите патишта, туку бевте пристрасни применувајќи го Законот.”

10 Немаме ли сите еден татко? Не нè создаде ли еден Бог? Зошто сме тогаш неверни еден на друг та го осквернуваме Заветот на своите татковци?

11 Јуда изневери, направија срам во Израел и Ерусалим, зашто Јуда ја оскверни Светината, која Бог ја љубеше и се ожени со ќерката на туѓ бог.

12 Секој кој ќе направи така, ма кој да бил тој, Господ нека го откорне од Јакововите шатори и од сред оние кои Му принесуваат жртва на Господа над Војските!

13 И вие го правите уште ова: го залевате со солзи Господовиот жртвеник, со плач и ридање, зашто Тој веќе не погледнува кон приносот. Тој не му е угоден од вашите раце.

14 И вие прашувате: „Зошто?” Зашто Господ беше сведок меѓу тебе и жената на твојата младост, на која и си неверен, иако ти беше сопруга и твоја законска жена.

15 Не направи ли Тој едно? Освен тоа, остатокот на Духот е во него. А што е тоа едно? Тоа, што Тој бара Божјо потомство! И така, почитувај го својот дух и не биди и неверен на жената на својата младост.

16 „Зашто Јас го мразам напуштањето на жената - зборува Господ, Израелевиот Бог - и оној, кој со неверство ги валка своите облеки - говори Господ над Воинствата! И така, внимавајте на својот дух, не бидете вероломни.”

17 Му досадувате на Господа со своите зборови, а прашувате: „Со што Му досадуваме?” Со тоа што зборувате: „Сите кои прават зло, добро се видени во Господовите очи и таквите Му се мили!” или: „Каде е Бог на правдата?”

поглавја

1 2 3 4