Малахија 2:11-17 MKB

11 Јуда изневери, направија срам во Израел и Ерусалим, зашто Јуда ја оскверни Светината, која Бог ја љубеше и се ожени со ќерката на туѓ бог.

12 Секој кој ќе направи така, ма кој да бил тој, Господ нека го откорне од Јакововите шатори и од сред оние кои Му принесуваат жртва на Господа над Војските!

13 И вие го правите уште ова: го залевате со солзи Господовиот жртвеник, со плач и ридање, зашто Тој веќе не погледнува кон приносот. Тој не му е угоден од вашите раце.

14 И вие прашувате: „Зошто?” Зашто Господ беше сведок меѓу тебе и жената на твојата младост, на која и си неверен, иако ти беше сопруга и твоја законска жена.

15 Не направи ли Тој едно? Освен тоа, остатокот на Духот е во него. А што е тоа едно? Тоа, што Тој бара Божјо потомство! И така, почитувај го својот дух и не биди и неверен на жената на својата младост.

16 „Зашто Јас го мразам напуштањето на жената - зборува Господ, Израелевиот Бог - и оној, кој со неверство ги валка своите облеки - говори Господ над Воинствата! И така, внимавајте на својот дух, не бидете вероломни.”

17 Му досадувате на Господа со своите зборови, а прашувате: „Со што Му досадуваме?” Со тоа што зборувате: „Сите кои прават зло, добро се видени во Господовите очи и таквите Му се мили!” или: „Каде е Бог на правдата?”