Малахија 2:9-15 MKB

9 Затоа направив да ве презираат и да ве понижуваат сите народи, зашто не се држевте за Моите патишта, туку бевте пристрасни применувајќи го Законот.”

10 Немаме ли сите еден татко? Не нè создаде ли еден Бог? Зошто сме тогаш неверни еден на друг та го осквернуваме Заветот на своите татковци?

11 Јуда изневери, направија срам во Израел и Ерусалим, зашто Јуда ја оскверни Светината, која Бог ја љубеше и се ожени со ќерката на туѓ бог.

12 Секој кој ќе направи така, ма кој да бил тој, Господ нека го откорне од Јакововите шатори и од сред оние кои Му принесуваат жртва на Господа над Војските!

13 И вие го правите уште ова: го залевате со солзи Господовиот жртвеник, со плач и ридање, зашто Тој веќе не погледнува кон приносот. Тој не му е угоден од вашите раце.

14 И вие прашувате: „Зошто?” Зашто Господ беше сведок меѓу тебе и жената на твојата младост, на која и си неверен, иако ти беше сопруга и твоја законска жена.

15 Не направи ли Тој едно? Освен тоа, остатокот на Духот е во него. А што е тоа едно? Тоа, што Тој бара Божјо потомство! И така, почитувај го својот дух и не биди и неверен на жената на својата младост.