Малахија 3:1-6 MKB

1 „Еве го испраќам Мојот гласник за да приготви пат пред Мене, и ќе дојде одненадеж во Својот Храм Господ, Кого вие Го барате и Ангелот на Заветот, по кого копнеете. Еве Го, веќе доаѓа - говори Господ над Воинствата.

2 Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање и кој ќе устои кога Тој ќе се јави? Зашто Тој е како огнот на леарот и како пепелницата на белачот,

3 и ќе заседне како оној, кој топи и пречистува сребро. Ќе ги очисти Левиевите синови и ќе ги претопи како златото и среброто, за да Му принесат на Господа жртва во правда.

4 Тогаш приносот Јудин и на Ерусалим ќе Му биде мил на Господа, како во древните денови и како во првите години.

5 Ќе дојдам при вас на суд, и ќе бидам подготвен сведок против вражалците и прељубниците, против оние, кои се колнат лажно, против оние, кои задржуваат од платата на работникот, вдовицата и сирачето, против оние, кои го газат правото на странците и не се бојат од Мене - говори Господ над Воинствата.

6 Зашто Јас, Господ, не се менувам, затоа вие, Јаковови синови, не бевте уништени!