1 Павле, апостол на Исус Христос, по повелба на Бога нашиот Спасител и Господ Исус Христос, нашата надеж,
2 до Тимотеј, вистинското чедо по вера. Благодат, милост и мир од Бог Отецот наш и Христос Исус нашиот Господ!
3 Како што на тргнување за Македонија те молев да останеш во Ефес да им заповедаш на некои да не проповедаат друго учење,
4 и да не се занимаваат со басни и бескрајни родословија, кои повеќе предизвикуваат расправии, отколку Божјо устројство во верата.
5 А целта на оваа заповед е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера.
6 Некои, откако не ги постигнаа тие работи, се оддадоа во празнословија,
7 и сакаат да бидат учители по Законот, но не разбираат ни што зборуваат, ниту што тврдат.
8 А ние знеме дека Законот е добар, ако некој законски го применува.
9 Знаејќи дека Законот не е установен за праведник, туку за беззаконици и непокорници, за нечестиви и за грешници, за неправедни и осквернители, за таткоубијци и мајкоубијци, за човекоубијци,
10 за блудници, за мажеложници, трговци со робје, клетвопрестапници, скотоложници, лажливци, и за сѐ друго, што е спротивно на здравата наука,
11 според славното Евангелие на блажениот Бог, кое ми е мене доверено.
12 Му благодарам на Христос Исус, нашиот Господ, Кој ми даде сили, зашто сметаше дека заслужувам доверба, кога мене ме постави на служба,
13 мене, кој порано бев хулител, гонител и насилник; но ме помилува, бидејќи тоа го правев без да знам, во неверие.
14 Но заедно со верата и љубовта во Христос Исус изобилуваше и благодатта на нашиот Господ.
15 Верен е тој збор и достоен е сосема да се прифати: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас.
16 Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Исус Христос прво на мене сета долготрпеливост, како пример на оние кои ќе поверуваат во Него за живот вечен.
17 А на Царот на вековите, на Нераспадливиот, Невидливиот, Единствен Премудар Бог – нека е чест и слава во сите векови. Амин!
18 Чедо Тимотеј, оваа заповед ти ја предавам според пророштвата кои прво тебе те посочија да се бориш како добар војник потпирајќи се на нив,
19 имајќи вера и добра совест, која некои ја отфрлија и претрпеа бродолом во верата;
20 меѓу нив се Именеј и Александар, што ги предадов на сатаната за да се научат да не хулат.