1 Тимотеј 3 MK2006D

Епископи на Црквата

1 Верно е словото: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа.

2 Епископот треба да е непорочен, маж само на една жена, разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува;

3 не пијаница, ни насилник, ни алчен, туку кроток, мирољубив и не среброљу­бив;

4 својата куќа добро да ја управува и да ги држи чедата во послушност со сета сериозност.

5 Зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја?

6 Да не е новопокрстен, за да не се возгордее и да падне под осуда, како ѓа­волот.

7 Тој треба уште да има и добар углед кај надворешните за да не биде укоруван и да не падне во стапицата на ѓа­во­лот.

Ѓакони

8 Ѓаконите, исто така, треба да бидат чесни, не дволични, да не се страсни за вино, ниту алчни за гнасна печалба;

9 да ја пазат тајната на верата со чиста совест.

10 И тие треба најнапред да бидат ис­питани, та после, ако се непорочни, да станат служители.

11 Исто така и нивните жени треба да бидат чесни, да не се клеветнички, туку трезвени и верни во сѐ.

12 Ѓаконите треба да бидат мажи на една жена, добро да управуваат со децата свои и куќата своја.

13 Зашто оние што служат добро како ѓакони, се здобиваат со угледна по­лож­ба и голема смелост во верата што ја имаат во Исус Христос.

Тајната на побожноста

14 А ова ти го пишувам со надеж дека скоро ќе дојдам кај тебе.

15 А, ако случајно се позабавам, да знаеш како треба да се однесуваат во Божјиот дом, кој е Црква на живиот Бог, столб и потпора на вистината.

16 А, несомнено, голема е тајната на побожноста. Бог, Кој се јави во тело, беше оправдан во Духот, виден од ан­ге­лите, проповедан на народите, веруван во светот, вознесен во слава.

поглавја

1 2 3 4 5 6