22 а неговата опитност е позната; тој, како син на татко, слугуваше заедно со мене при благовестувањето.
23 Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе дознаам што ќе стане со мене;
24 а се надевам во Господа дека и сам скоро ќе дојдам кај вас.
25 Сметам дека е потребно кај вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и соборец во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои,
26 бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен.
27 Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари една жалост врз друга.
28 Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален.