3 зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото,
4 иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тогаш уште повеќе можам да се надевам јас,
5 кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израилев, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј,
6 по ревност – гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот – беспрекорен.
7 Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба.
8 Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Христос,
9 и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Христа, односно со праведноста од Бога преку верата;